Голужа фаворит за нов селектор на Црна Гора, во игра сѐ и Кастратовиќ, Ѓурковиќ…

Ракометната федерација на Црна Гора е во потрага по нов селектор за машката сениорската репрезентација, откако довчерашниот стратег на „лавовите“ Владо Шола си поднесе оставка по неуспехот во баражот за пласман на Светското првенство 2025.

Црногорците како препрека за пласман на Мундијалот ја имаа репрезентацијата на Италија. Иако беа големо оптимисти и сигурни дека ќе ги поминат „азурите“, сепак репрезентативците на Црна Гора загубија на двата натпревари од баражот.

Според пишувањата на порталот „Дан“, поранешниот селектор на Хрватска, Славко Голужа, кој неодамна стана тренер на Ал Кадсија од Кувајт, е прв фаворит за нов селектор на Црна Гора. Голужа исто така е желба и на претседателот на РСЦГ, Петар Каписода.

Прославениот Голужа освои злато како играч на Олимписките игри во 1996 и 2004 година, а бронза како селектор во 2012 година. Токму на Олимписките игри во Лондон „коцкестите“ го освоија последниот олимписки медал.

Црна Гора во текот на месец ноември ќе ги стартува квалификациите за Европското првенство 2026, а постои и можност да добие вајлд-карта за учество на Светското првенство 2025.

Освен Голужа, во трката за наследник на Шола се споменуваат и имињата на Зоран Кастратовиќ, Ратко Ѓурковиќ и Драшко Мрваљевиќ.

По дебаклот со Италија: Владо Шола не е повеќе селектор на Црна Гора!