Од -7 во Торшавн до +8 во Скопје, од депресија до еуфорија за седмо светско во серија на најуспешната македонска репрезентација
1.Да беше лесно немаше да биде интересно
Машката ракометна репрезентација на Македонија останува на големата сцена. Најдобрите македонски ракометари на крај сепак, излегоа како победници во бараж дуелот со Фарски Острови и обезбедија пласман на СП 2025 во Норвешка, Данска и Хрватска. Седмо светско во серија за Македонија од 2013 досега, осмо во новата ера што почна со оној незаборавен мундијал во Хрватска во 2009, девето вкупно во историјата на македонската репрезентација заедно со египетското од 1997.
И, вообичаено, како многупати претходно, најуспешната македонска репрезентација до целта стигна по потешкиот пат. Катастрофален настап и опасен пораз на гостувањето во Торшавн кој сериозно го доведе во прашње пласманот на СП и потполно друго издание четири дена подоцна во Скопје. Пркосно, сплотено, дисциплинирано и храбро за победа поголема од поразот.
Да беше лесно немаше да биде интересно. Да го немаме овој наш менталитет немаше вчера да пукаат срцата од радост и од гордост, на терен, на клупа, на трибини, пред камерите и пред екраните, на улица…сите сплотени со една цел – Македонија да успее. Да биде пак по кој знае кој пат нашата „Заветна“ – кај што тонеш, ти извираш.
Не, не е само драматика во која сега еуфорично се редат еден тон епитети и патриотски стихови. Во ракометна Македонија вчера тоа беше реална слика.
Седум гола негатива, шансите на конец и „Дамоклов меч“ над главата на селекторот, виси како во приказната на Дионисиј за непостојаноста на сите власти и сили во светот…И наспроти тоа, река од луѓе во препознатлив црвено-жолт колорит, полни со надеж и позитивна енергија, со забрзан чекор одат кон салата „Борис Трајковски“. Малку подзаборавена слика што повторно ја топли душата. Влева гордост и сила. И некако спонтано веќе си сигурен дека ќе биде добро. Не може да не биде, па и да нема 12 седмерци како во оној легендарен бараж со Чешка!
Понесена од еуфоријата, пред да влеземе во сала со колегите се обложувам на 10 разлика. После сите овие години, знам дека проработува инаетот баш кога е најтешко. Успеа со Швајцарија во јануари, ќе успее и сега…
Утнав два гола, ама добро е и со осум. Ги поминавме Фарски.
2.Неколку клучни моменти
„Посакувам целата публика да биде на мое место да види што чувствувам во срцето“ – искрено и со големо олеснување ќе рече по натпреварот Филип Кузмановски. Некогаш небрусениот битолски дијамант како што го викаше Лино, сега избрусено разигруваше, асистираше, погодуваше на 2-3 пати и промашуваше, но стануваше и продолжуваше и во сите 60 минути успешно се носеше со лидерската улога во репрезентацијата. Токму така како што се очекува и како што треба да биде.
Марко Митев полека но сигурно, во националниот тим израснува во достоен наследник на Филип Миркуловски на кого многу потсетува посебно со оние влезови „на глава“ каде што друг не пушта ни рака. Со својата брзина, прецизност и луцидност веќе е играч што прави разлика.
А, токму во решавачкиот период кога Македонија ја анулира негативата и успеа да се одлепи, во ротацијата на десен бек значајна улога одигра Мартин Серафимов со неколку прецизни проектили од далечина.
Со осум од осум и со просторот што го отвораше на линијата, Жарко Пешевски беше еден од клучните фактори во нападот на македонската репрезентација, додека Милан Лазаревски имаше главен збор во одбраната и успешно им застана на патот на брзите Фарани.
Како исклучително позитивен потег се покажа и вклучувањето на Стојанче Стоилов во стручниот штаб и неговата позитивна улога и конекција на клупата што ја надополнува комплетната слика и тимскиот дух како главен белег во играта.
3.Моја Македонија и взаемна поддршка
Македонската репрезентација иако со малку спорен состав и делумно лимитирана на главната шутерска позиција, успеа да воспостави контрола и да диктира темпо речиси во сите 60 минути во кои постепено ја топеше негативата од првиот меч. Со посебен фокус на офанзивата во првиот и на дефанзивата во вториот дел, Македонија дојде на критичните седум гола разлика. А потоа искусно ја искористи ситуацијата кога Фараните почнаа се почесто панично да гледаат кон семафорот и паметно ја одржуваше позитивната разлика во финишот. Со игра на 200% и взаемно надополнување, со добро распределени улоги и навремена реакција од клупата, македонската репрезентација овој пат имаше одговор на секој потег на противникот и успеа да го сопре новиот ракометен бран од Фарските Острови.
„Ова е еден од најсреќните денови во мојот живот, во мојата спортска кариера и како тренер со мојата Македонија. Треба да се гордееме со оваа репрезентација“ – ќе рече селекторот Кире Лазаров во еден малку подруг наратив кој добро се надополнува на водењето на играта и на променетата енергија на клупата на која вчера наместо нервозата, доминираше бодрење и взаемна поддршка, со мал исклучок „на опашката“.
Публиката тоа го препознава, посебно оваа нашата.
„Барам само малку почит, особено кога ќе згрешам, грешат и многу подобри од мене“ – ќе додаде селекторот во обраќањето до јавноста.
Почит имало и има дури и кога некогаш не се гледа во критиката. Впрочем, Кире Лазаров со три години и три месеци веќе е селектор со најдолг стаж на македонската клупа и урива уште еден рекорд. Можеби споредно, но не и небитно. И секако, за почит.