„Можевме да направиме поголем успех на ЕП 2012“

Поранешната репрезентативка и интернационалка, сега актуелен тренер во младинскиот погон на ЖРК Вардар, Марија Папуџиева може да се пофали дека го носела националниот дрес во време кога сето внимание од РФМ било насочено кон женскиот ракомет, кој има континуитет на големите натпреварувања и бележи успеси.

„Бев дел од првата женска младинска репрезентација што воопшто настапила на едно големо натпреварување – Светското првенство во Бразил во 1995 година. Тогаш со Валентина Радуловиќ и со Владимир Радиќ како селектор, паметам дека со вајлд-карта игравме на Мундијалот и беше големо доживување за нас. Фатив убав период во националниот тим кога женскиот ракомет беше во прв план и кога имавме континуитет на големите натпреварувања, имавме резултати. По СП 1997 во Германија кога направивме ’бум’ тоа беа денови на експанзија на женскиот ракомет. Мојата репрезентативна кариера завршува на ЕП 2012 во Србија, кога не предводеше Гино Стрезовски. Ме боли душата за тоа првенство! Имавме многу големи шанси и амбиции ама не ги искористивме правилно и многу ми е жал поради тоа. Во Србија мислам дека можевме да направиме многу поголем успех. Со исклучок на првиот меч со Франција на кој кикснавме, на другите два натпревари со Данска и Шведска игравме егал до 30-та минута. Зошто второто полувреме не го одигравме како што треба, тоа не ми е јасно? Мислам дека ни недостасуваа некои работи… Не бевме воопшто лошо репрезентација, преку квалификации обезбедивме место на тоа првенство и верувам дека имавме и квалитет и капацитет да направиме поголем резултат“, анализира Маја и продолжува: „Од моето искуство женска репрезентација беше секогаш во прв план, имавме резултат и акцентот беше на нас. Сега е поинаку! Изминатава деценија и повеќе мажите се оние кои имаат успеси и континуитет на големи натпреварувања и затоа тие се во центарот на вниманието. Порано паметам и со младите селекции одевме на турнири, игравме Балканијади, сега го има тоа, но повеќето се за момчињата отколку за девојките.“

Целосното интервју со Папуџиева може да го погледнете во продолжение.

ИНТЕРВЈУ МАРИЈА ПАПУЏИЕВА: На женскиот ракомет му е потребен нов Самсоненко за да „живне“