Јукиќ: Во Охрид покажавме дека сме подобри од вицешампионот, да го направиме тоа и во Автокоманда

Ракометарите на Охрид се пред нов тежок испит. Откако во претходното коло на домашен терен беа поразени од актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, избраниците на Алушовски, во рамки на 11. коло од плеј-офот во ракометната Супер лига, патуваат во Автокоманда на мегдан со актуелниот вицешампион.

Натпреварот е од клучно значење за двете екипи бидејќи може да се покаже како одлучувачки која екипа на крајот ќе заврши во топ три на табелата.

Десниот бек на охриѓани, хрватскиот интернационалец, Никола Јукиќ, свесен е за важноста на натпреварот и затоа најавува дека ќе дадат се од себе за да забележат победа.

„Дуелот со вицешампионот нема да биде ни малку лесен. Станува збор за екипа составена од млади играчи, која игра брз и модерен ракомет. Дополнително оваа сезона играа и во Лигата на Европа, имаа натпревари со силни екипи, што е едно позитивно искуство. Иако оваа сезона не се на нивото од претходната сепак тоа не значи дека треба да се потценат и затоа во дуелот треба да влеземе максимално мотивирано. Добро го анализиравме противникот, и мислам дека со силна игра во одбраната и нападот можеме да дојдеме до трите бода, да покажеме дека и покрај поразот во претходното коло од Пелистер, нашата цел останува пласман во топ три и во европските натпреварувања“, изјави Јукиќ.

На претходниот дуел одигран во „Билјанини Извори“, во рамки на 4. коло од плеј-офот, Охрид беше подобар од избраниците на Лазаров.

Десниот бек на охриѓани се надева дека ќе ја повторат играта од тој натпревар и дека повторно ќе му го земат скалпот на актуелниот вицешампион.

„На тој натпревар комплетно го надигравме вицепрвакот на Македонија, одигравме модерен и европски ракомет и комплетно ги наттрчавме. Но, доколку сакаме да бидеме во топ-3 мора да победиме и во гости. Мислам дека имаме екипа која може да се надигрува со секого без разлика каде играме и мислам дека ќе го докажеме тоа и на овој натпревар“, дециден е хрватскиот интернационалец.

Дуелот меѓу актуелниот вицешампион и Охрид ќе се одигра во сабота, 27 април, во спортската сала „Автокоманда“, со почеток од 17:15 часот.