Женската сениорска репрезентација на Македонија со победа го заврши квалификацискиот циклус за Европското првенство 2024, на кое од поодамна го обезбеди пласманот.
Македонската репрезентација на домашен терен ја совлада Литванија со 34:24 и со победа го прослави пласманот на континенталниот собир. На Македонија и требаше околку петнаесетина минута да го скрши отпорот на ривалот и да започне со супериорно издание.
Балтичката земја се покажа како незгоден ривал во првите 20 минути и не дозволи Македонија резултатски да се одлепи. Откако избраничките на Кристијан Грчевски добро започнаа, водеа со 3:1, односно 4:2 во воведниот дел, гостинките не се откажуваа и израмнија на 4:4.
Камбекот на Литванија значеше дека Македонија ќе мора да го даде максимумот за да дојде до посакуваната цел. По половината од првото полувреме, резултатот беше нерешен, 7:7, а потоа „црвено-жолтите“ започнаа полека да се одлепуваат.
По приближувањето на Литванија на 10:8, следуваше серија од 3:0 на македонската репрезентација, која во 25 минута дојде до пет гола позитива, 13:8. До крајот на полувремето пресуди квалитетот меѓу двете репрезентации, па така по 30 минути игра резултатот беше 18:12.
Вториот дел беше повеќе формалност и удобното водство овозможи шанса да имаат ракометарките со помала минутажа. Во листата на стрелци се запишаа речиси сите ракометарки и триумфот во ниту еден момент не беше доведен во прашање, на крајот изразен со конечите 34:24.
Листата на стрелци кај Македонија беше предводена од Андреа Седлоска и Емилијана Ризоски, двете ракометарки постигнаа по шест погодоци.
Макдонија – Литванија жени