Магдебург е последен четвртфиналист: Европскиот првак го сруши Веспрем среде Унгарија!

Европскиот шампион Магдебург е последниот четвртфиналист во Лигата на шампионите, откако славеше на жешкиот терен во Веспрем со 30-28 и сега е најмалку втор на табелата со 24 бода.

Веспрем ќе остане на третата позиција со 20, а Барса ќе мора да го победи Монпелје за да го потврди првото место на табелата.

По нерешените 5-5, бундеслигашот ја презема контролата на теренот и успеа да поведе со три гола, 8-5, но Шпанецот Касадо ја предводеше домашната серија за реми, 11-11. До крајот на полувремето имаше уште по три погодоци во двете мрежи и на пауза се замина со реми, 14-14.

По 21-19 за Магдебург, Веспрем успеа да направи комплетен пресврт и поведе со 22-21, но Хорнке и Клар поведоа серија од четири гола без одговор и Магдебург отиде на безбедни плус три, 25-22.

Тие се покажаа клучни до крајот, Ернандез блескаше на голот со 16 одбрани и Веспрем немаше сили за камбек во натпреварот, па ќе мора преку осминафинален двобој да бара место во ТОП 8.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Клар со девет и Магнусон со пет гола, а кај Веспрем, Фабрегас имаше осум погодоци, додека Елдера беше стрелец на пет.