Ракометарите на Прилеп на свој терен го совладаа Мулти Есенс со 34:31 во натпревар од 3. коло во суперлигашкиот плеј-аут и сега имаат „три од три“ во борбата за опстанок.
Избраниците на Божидар Мојсов во првото коло триумфираа над Скопје, додека во второто полесно од очекуваното го совладаа Голден Арт и уште на тој натпревар покажаа дека се решени да опстанат во елитата.
Заменик каипитенот на Прилеп, Христи Бикоски, ги истакна своите импресии по третиот триумф во вториот дел од сезоната и се надева дека неговиот тим ќе остане на лидерското место на табелата.
,,Натпреварот против Мулти Есенс беше тежок, но ние ги имавме анализирано добро, се подготвувавме за нив, секој имаше своја задача и исполнивме сѐ што ни беше кажано од тренерот, системот функционираше, заслужено победивме и честитки до моите колеги, одигравме на ниво. Секако дека е убаво да си на прво место, но ќе се трудиме и ќе дадеме сѐ од себе да го задржиме првото место, сѐ уште има простор за напредок, имаме време, ќе ја искористиме паузата да се консолидираме и да поправиме сѐ што треба за следните натпревари кои ни се многу важни”, изјави Бикоски.
Прилеп во следното коло е слободен, потоа го очекуваат натпреварите со Куманово, Вардар Неготино, Еурофарм Пелистер 2…Левото крило очекува позитивен исход на дуелите до директните ривали за опстанок.
,,На следните натпревари играме со директните ривали за опстанок во елитата. Дисциплина, фокус и максимална подготовка за периодот кој следи и се надевам дека ќе имаме позитивен исход на натпреварите. Еден од главните фактори за одличниот старт во вториот дел од сезоната беа добрите тренинзи и подготовки, кои ги имаме во текот на целата година. Системот започна чекор по чекор да функционира, ни требаше време на адаптација, новиот тренер ни донесе многу новитети и со тие новитети некои играчи првпат се среќаваат, системот е тежок, но кога функционира сѐ е полесно. Целта уште од почетокот на сезоната беше да ја играме нашата игра и фокусот да биде во системот. Со посветеноста на тренерот кој многу придонесе за оваа екипа и играчите кои ги исполнуваат сите задачи и играат на високо ниво, мислам дека не би имале проблеми за остварување на целта”, заврши Бикоски.
Прилепчани на табелата имаат 11 бодови на свое конто, два бода помалку има второпласираниот Еурофарм Пелистер 2.
📷 Прилепчани со победничко селфи за „три од три“ во плеј-аутот