Романскиот женски прволигаш Јаши се соочува со сериозни проблеми. Клубот е санкциониран со двегодишна забрана за трансфери, а воедно ќе остане и без четири бода во националниот шампионат, поради непочитување на претходни одлуки за исплата на долгови кон ракометарки и член на стручниот штаб.
Дисциплинската комисија на Романската ракометна федерација разгледувала четири одделни предмети поврзани со неисплатени финансиски обврски кон три ракометарки и еден член на стручниот штаб.
Уште во јануари федерацијата му наложила на клубот да ги подмири долговите, но Јаши не ја исполнил одлуката во предвидениот рок.
Поради тоа, за секој од четирите предмети клубот добил санкција од одземање по еден бод, што значи вкупно минус четири бода од досегашниот учинок во романскиот шампионат. Дополнително, на Јаши му е одземено правото на трансфери, регистрација и настап на нови играчи во период од две години, почнувајќи од 16 септември 2026 година.
Клубот доби рок од 10 дена да ги исплати утврдените финансиски обврски.
Санкциите доаѓаат во тежок момент за Јаши, кој ја започна сезоната 2026/27 со три порази во првите три натпревари од шампионатот.

























