Ракометарите на Пролет ја забележаа првата победа во суперлигашкиот плеј-офот, откако го совладаа големиот ривал Бутел Скопје со 20-18. Имаат домашните супериорен старт на второто полувреме, што на крајот се покажа како клуч за триумфот и првите три бода. Голманот Данило Михаљевиќ исто така имаше голем удел во победата, а за неа момците на Јовиќ мораа малку повеќе да запнат во финишот кога Бутел се врати на минус два.
Бутел Скопје отвори со водство со 2-0 откако погодија Николов и Ѓеоргиевски, но набрзина врати Андоновски. Беше и 3-1 за гостите, а голманот Стојаноски врза две одбрани во серија и не дозволи Пролет да погодува во тој период.
Николов беше сигурен реализатор на пеналите, Бутел поведе со 5-3, имаше шанса и за плус три, но овојпат голманот Михаљевиќ му го одбрани шутот на десниот бек на гостинската екипа.
Во продолжение се играше со многу промашувања на двете страни, а Пролет по водството на Бутел со 6-4, успеа да направи комплетен пресврт и да поведе за првпат на мечот со 7-6.
Сега беше редот на Бутел да погоди два пати во серија, па Николов и Спасовски стрелаа во домашната мрежа за 8-7. Андоновски веднаш врати за 8-8, кога имаше да се играат уште четири минути од првиот дел.
Ниту една од екипите немаше реализација до пред паузата. Во последната секунда Бутел имаше удар од седум метри, но Михаљевиќ му одбрани на Спасовски и екипите отидоа на пауза со реми, 8-8.
На стартот на второто полувреме нападот на гостите немаше многу идеја, Пролет тоа го искористи и надополнети со одличното издание на Михаљевиќ за пет минути поведоа со четири гола, 12-8.
Беше и 13-9, а домашните умешно ја одржуваа разликата се до последните пет минути. Тогаш искусниот пивотмен Јефтиќ намали на 17-15 и најави возбудлива завршница на мечот.
Но Ѓеоргиевски не беше прецизен, потоа и голманот Блажески се обиде од гол на гол, но не погоди, па Пролет се врати на плус три кога имаше да се играат уште две минути до крајот на натпреварот. Тоа беше доволно за рутински да се доврши мечот и победата да остане дома.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Андоновски и Василевски со по шест погодоци, додека кај Бутел Скопје се истакнаа Николов со шест и Спасовски со пет гола.