Србија одигра слабо Европско првенство, ако знаеме какви изјави и очекувања имаа самите ракометари и спортската јавност од оваа земја. Еден нерешен резултат во првото коло против Исланд, и два порази од Унгарија и Црна Гора беа доволни за Српскиот ракометен сојуз да го раскине договорот со шпанскиот стратег Тони Џерона.
Иако по неговото разрешување се шпекулираше со името на тренерот на Тулуз, Даниел Анѓелковиќ, како негов наследник, сепак нема да дојде до тоа. Српскиот стратег има договор со Тулуз и е во борба за задржување на четврттото место во Француската лига. Вториот тренер кој работи во странство, Момир Илиќ исто така отпаѓа од комбинација да застане на чело на Србија. Илиќ има цврст договор со Веспрем каде ја напаѓа титулата во Лигата на шампионите, па тешко дека Веспрем би се согласил на такво нешто.
Во комбинација за селектор на Србија остануваат две домашни имиња, тренерот на Војводина, Борис Ројевиќ, како и повратникот во српскиот ракомет, актуелниот тренер на Металопластика, Владан Матиќ. Ројевиќ прави одлични работи со Војводина како во Србија така и во Европа, но го продолжи договорот со Војводина до 2026, а тоа е амбициозен проект кој бара ангажман, исто како и репрезентативното кормило. Матиќ пак е повратник во Србија, во 2022 застана на чело на некогашниот двократен Европски првак Металопластика. Матиќ има договор со српскиот клуб до крајот на оваа сезона па што се однесува до клупскиот ангажман има предност пред Ројевиќ.
Одлуката за тоа кој ќе застане на чело на репрезентацијата на Србија ќе ја донесе Српскиот ракометен Сојуз на чело со претседателката Милена Делиќ. Новиот селектор би требало да добие четиригодишен мандат, до следниот олимписки циклус 2028.