Некогашниот хрватски репрезентативец Јаков Гојун, кој настапи на претходното ЕП, овој континентален собир го гледа од дома.
Гојун, сега во улога на стручен коментатор на РТЛ, беше многу разочаран по изданието на Хрватска и поразот од Унгарија.
„Одигравме лошо кога беше најпотребно да сме најдобри. На теренот изгледавме како да разигруваме за 9 или 12 место, а не како да се бориме за полуфинале. Не можеме да „живееме“ од победата над Шпанија, првенството не заврши тука. Хрватска има одличен тим и огромен потенцијал, но мора реално да кажеме дека потфрливме. Сите требаше да дадат 300% од своите можности. Не може заморот да биде алиби, затоа што и сите други играат со ист интензитет. Погледнете што прави Карабатиќ со полни 40 години. Тоа е навистина неверојатно. Не чув ниту еден од Французите да зборува за замор. Никола ги игра натпреварите како да му е прв турнир во кариерата. Не сака да седи на клупата и на теренот е повеќе од 50 минути“, вели Гојун.
Хрватите најавуваа борба за висок пласман, имаат и теоретски шанси за полуфинале, но очигледно и ова ЕП ќе мораат да се задоволат само со некоја позиција од 5 до 12 место.