Европската ракометна федерација се огласи во текот на денешниот ден за спорната последна минута на мечот меѓу Данска и Шведска од второто коло во главната рунда во Хамбург на ЕП.
ЕХФ ја „призна“ грешката на судиите Вацлав Хорачек и Јири Новотни од Чешка, кои го вратија времето наназад по поништениот гол на Магнус Ландин.
„Во 59.33 судиите сигнализираа пасивна игра. Набрзо потоа, беше направен фаул од шведската одбрана и дозволени уште две додавања на данските ракометари по изведувањето на ударот. Магнус Ландин постигна гол, а судиите решија да гледаат ВАР, дали имаше повеќе додавања од дозволеното пред овој погодок, времето беше стопирано на 59.57. По прегледувањето на снимката, судиите го поништија погодокот поради повеќе додавања од дозволеното, а заедно со делегатите го коригираа времето на 59.43, моментот кога беше последното додавање на Данците, иако според пропозициите не требаше да го направат. Според правилата на игра, времето може да се коригира или да се врати назад само ако има грешка на мерачот на време. По корекцијата на одлуката за голот, мечот требаше да продолжи од 59.57, од моментот кога беше прекинат мечот“, се вели во соопштението на ЕХФ.
Европската куќа на ракометот откри дека нема добиено жалба на судењето ниту од Данска, ниту од Шведска, па нема да има следна акција за овој случај.