Македонскиот шампион Ѓорче Петров в сабота ќе го одигра првиот од двата дуели против чешкиот тим Хазена Кинжварт од осминафиналето во Европскиот Куп.
Ѓорчепетровки се домаќини на првиот натпревар, додека реваншот е закажан за 20 јануари во Чешка.
Голманката на Ѓорче Петров, Слободанка Кицеска, вели дека во подготвителната фаза најголем акцент е ставен на одбраната, која се покажа како најголем адут на „лавиците“.
,,Подготвителниот период помина добро, времето е кратко, но добрата организација како на тактичко-технички план, така и на анализирањето на ривалот беше опфатено во целост. До крајот на неделата ни останува да ги одработиме тренинзите максимално. Акцентот е најмногу ставен во одбраната, нашиот најголем адут, па мислам дека тоа во поголем процент треба да го реши натпреварот. Точно дека Кинжварт е незгоден ривал, но сега е веќе осминафинале, секоја екипа треба да се анализира посериозно и со врвен пристап”, изјави Кицеска.
Искусната голманка и нејзините колешки знаат каде најмногу треба да се внимава во играта на противникот.
,,Екипата на Кинжварт е добро поткована на двете крилни позиции каде константно трчаат контри и имаат динамична игра со брз центар и полуконтра. Целта на секоја од нас ракометарките е да се стигне што подалеку во Европскиот Куп, но најпрво, нашиот фокус е пласман во четвртфиналето, за успех треба да се оди чекор по чекор, со јасна цел и многу работа”, додаде Кицеска.
Ѓорче Петров есенскиот дел од сезоната во домашниот шампионат го заврши без загубен бод.
,,За првиот дел од сезоната сум задоволна од досега прикажаното на теренот, секако имаше грешки и падови во играта, како на домашна сцена, така и во европски рамки. Останува да се работи напорно, како што напоменав, со јасна цел и визија за останатиот дел од сезоната и да го надминеме ланскиот успех во Европа. Со добра енергија и цврста волја, резултатите секако ќе бидат позитивни”, заврши Кицеска.
Утрешниот дуел меѓу Ѓорче Петров и Хазена Кинжварт ќе се одигра во спортската сала „Автокоманда“ со почеток од 18:00 часот.