По првото полувреме на мечот на „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф, селекцијата на Франција води против Македонија со 17-13. Нашите ракометари тргнаа солидно, водеа во еден дел од мечот со плус два, 10-8, имаа шанса и за плус три, но оттогаш падна нашиот ритам и за петнаесетина минути до крајот на полувреме постигнавме само три гола.
По двата неуспешни напади на двете страни, Талески го отвори резултатот, но Французите набрзина одговорија брзо со голови од пенал на Деска и Мем за 2-1. Џонов имаше убава акција за реми, но следуваа две грешки во нападот и бевме казнети со два гола за 4-2 по пет минути игра.
Митревски имаше три одбрани во серија, Пешевски погоди за 5-5, а Костески донесе ново водство за Македонија, 7-6. Имавме и акција за плус два, но шутот на Талески беше блокиран, а набрзина Мем реализираше за 8-7. Нашиот напад изгледаше добро, лесно се наоѓаа позиции до голот на Дебоне и по петнаесетина минути, Македонија стигна до плус два, 10-8.
Капитенот Митревски им одбрани удари на Карабатиќ и Ремили, а селекторот Лазаров форсираше во овие моменти „седум на шест“ што донесе дополнителни проблеми за Французите, па по петнаесетина минути Жил мораше да бара тајм-аут. Дебоне му одбрани удар на Кузмановски за плус три, па по двете наши грешки, Франција се врати во егал, 10-10.
Избравме во неколкуте следни напади, па казните веднаш стигнаа за 12-10, откако Дебоне вторпат му одбрани шут на Лазаревски. Беше и 13-11, а по грешката на Митев за првпат Франција беше на плус три со голот на Пранди. Лазаров веднаш реагираше со тајм-аут.
Бешеш и 15-12, но течноста на македонскиот напад не беше како на стартот, па имавме проблеми со реализацијата. За разлика од нас, Французите лесно реализираа и за првпат беше плус четири, 16-12 по голот на Ричардсон. Имаше уште по еден гол на двете страни за 17-13 на паузата.