Машката сениорска репрезентација на Македонија славеше на последниот пријателски натпревар пред настапот на Европското првенство во Германија.
Македонија на втората „контролка“ против јужниот сосед триумфираше со 29:28 (15:13) и со три победи ја заврши последната подготвителна фаза.
Победничкиот гол го постигна повратникот во репрезентацијата, десното крило Никола Костески.
Избраниците на Кире Лазаров во вчерашниот натпревар против Грција славеа со 33:30, додека пред една недела беа подобри од Црна Гора со 39:37.
Македонската репрезентација на Европското првенство во Германија за ривали ги има Франција, Швајцарија и домашната селекција.
Првиот меч на ЕП „црвено-жолтите“ ќе го играат против Франција на 10 јануари од 18:00 часот на стадионот „Меркур Шпил Арена“ во Диселдорф.