Премногу советници, една кариера – Јокиќ со порака до младите играчи

Ракометниот менаџер Милан Јокиќ смета дека професионалниот играч мора самиот да ја преземе одговорноста за сопствената кариера. Според неговото искуство, играчите кои самостојно ги носат одлуките најчесто подобро функционираат и на теренот.

Кариерата на еден ракометар често не ја креира само она што се случува на теренот. Зад изборот на нов клуб стојат многу разговори, совети, дилеми, а неретко големо влијание имаат родителите, сопругите или партнерките на играчите.

Искусниот ракометен менаџер Милан Јокиќ во разговорот за 24Ракомет признава дека на почетокот од својата кариера многу почесто морал да разговара и со семејствата на играчите.

Со текот на годините неговиот став станал многу појасен – професионален ракометар мора самиот да носи одлуки.

„На почетокот од мојата работа бев принуден да комуницирам и со родителите, да ги слушам нивните барања и слично. Но, како што минува времето, сè повеќе сум уверен дека играчот кој има директна комуникација со мене и на кој не му треба помош од родителите или сопругата, најчесто е подобар и на теренот од оној кој постојано ги слуша советите на роднините или партнерот“, вели Јокиќ.

Според него, играч од 22, 23 или 25 години веќе мора да биде подготвен самиот да застане зад изборот што го прави.

„Им го кажувам тоа и директно. Мислам дека е подобро за нив, кога веќе имаат 22, 23 или 25 години, самите да ги носат одлуките. Тоа е голема одговорност и не е добро ниту за родителите, ниту за сопругите да се мешаат во професијата.“

Јокиќ не тврди дека семејството не треба да биде дел од разговорите. Напротив, местото на живеење, условите за семејството, училиштето за децата и квалитетот на животот често имаат голема улога при изборот на нова средина.

Но, последниот збор мора да го има играчот.

Во долгата менаџерска кариера имал различни ситуации – од родители кои инсистирале на одредени услови, до сопруги кои имале силно влијание врз конечната одлука.

Една од таквите приказни е и трансферот на Лука Циндриќ од Келце во Барселона. Тогаш токму сопругата на хрватскиот ракометар одиграла важна улога во преговорите со полскиот клуб.

Јокиќ, сепак, смета дека тоа треба да биде исклучок, а не правило.

Целиот разговор со Милан Јокиќ можете да го прочитате на следниот линк:

Јокиќ отворeно за сè: Плати, трансфери, сопруги и кој ќе биде шампион на Македонија

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________