Амбициозниот тим на Охрид вечерва во спортската сала „Билјанини Извори“ го имаше првиот ден со активности во новата 2024 година. Охрид во текот на подготвителниот период ќе тестира против АЕК, Олимпијакос и Дукас од 19 до 21 јануари, а потоа заминува во Србија.
Таму од 23 до 27 јануари ќе бидат одиграни натпревари против Металопластика Шабац, Динамо Панчево, па два меча на турнирот во Врбас, каде покрај домаќинот ќе играат Црвена Звезда и Војводина, а пред враќањето дома ќе биде одиграна уште една средба со Дубочица Лесковац.
Составот на Стевче Алушовски за вториот дел од натпреварувачката сезона 2023/24 ќе биде посилен со двајца играчи. Нови имиња во редовите на „гладијаторите“ се репрезентативецот на Јапонија, Хироки Мацуока, кој настапува на позицијата среден бек, како и кружниот напаѓач од Црна Гора, Адмир Пелидија.
Од Охрид си замина репрезентативецот на Турција, Ерај Каракоч, кој со раководството на тимот спогодбено го раскина договорот.
На првиот дел од подготовките нема да бидат левиот бек Теимураз Орјонокидзе и средниот бек Хироки Мацуока, кои ќе играат на Европското, односно Азиското првенство.
Потоа експедицијата на Охрид се враќа во Македонија, каде ќе продолжат тренинзите пред стартот на пролетниот дел од сезоната. Охриѓани првиот дел од сезоната го завршија со биланс од 11 победи и три порази. Во разигрувањето за титулата ќе пренесат два бода.