Агенцијата за млади и спорт ги објави номинациите по категории за традиционалниот избор на Спортист на годината. Ракометот како спорт ќе има свои претставници во шест од деветте категории.
Сара Ристовска, која моментално настапува за ЦСКА Москва, а од наредната сезона ќе го носи дресот на Рапид Букурешт, е номинирана во категоријата спортиска на годината. Останатите номинирани спортистки се Даниела Алексовска (бразилски џиу-џицу), Андреа Костовска (кик бокс), Лина Ѓорческа (тенис) и Мери Акиевска (боди билдинг).
Голманот Иван Галевски се најде меѓу номинираните за млад спорист на годината, додека селекторот на машката младинска репрезентација на Македонија, Раде Стојановиќ, е номиниран во категоријата најуспешен тренер/селектор.
Во категоријата најдобри национални тимови, кај мажите номинирана е кадетската машка репрезентација која на Светското првенство 2023 во Хрватска направи голем успех освојувајќи ја 9. позиција. Кај дамите номинирани се сениорките, кои се на чекор да го осигураат настапот на Европското првенство 2024 година.
Прогласувањето на најдобрите спортисти ќе биде на 27 декември.