Машката младинска репрезентација на Македонија загуби на третиот натпревар на „Трофеј Карпати“ од домаќинот Романија со 36-32 и остана без трофејот на овој престижен турнир. Иако нашите ракометари храбро се бореа во финишот, беа на чекор до камбек, сепак „домашните судии“ си ја одработија својата задача и кога требаше со неколку судиски одлуки го нарушија ритамот и Романија успеа во својата мисија со три победи да го заврши овој турнир.
По 3-3, домаќините се одлепија на плус три, 6-3, но веднаш следуваше одговор од нашите ракометари. Романците водеа со 7-5, но Брестовац фати две топки, одбрана ја стегнавме и тие не можеа да дадат гол осум минути. За тоа време, Димитар Узунчев и Мирче Калајџиески погодија по два пати и Македонија водеше со 9-7. По 10-8 имавме шанса да стигнеме и до плсу три, но немаше реализација.
Потоа како да се сврте мечот, имаше и некоја спорна домашна судиска одлука, па Романија направи пресврт и по 11-9 за Македонија, следуваа пет гола во серија на ривалот, за 14-11, разлика која остана до паузата. На стартот на второто полувреме домаќинот отиде и на плус пет 17-12, а беше и 19-13, па Стојановиќ мораше да повика тајм-аут. Тоа многу не смени во игра и Романците ја одржуваа предност, 25-19.
Но потоа имаше пад во нивната игра, а нашите ракометари влегоа во ритам и негативата беше преполовена, 25-22. Беше и 27-24, одличниот Брестовац имаше две одбрани, па Димковски и Димевски намалија на минус еден, 27-26. Домаќините останаа без Фочанеану кој доби директен црвен картон по ударот на Ристевски, промашија во следниот напад, но и Козмичук му одбрани удар на Узунчев, кој можеше да ни донесе реми.
Потоа Романија стигна до плус два, 28-26 и се играше брзо со голови на двете страни. При 32-30, Македонија доби пенал, кој Димевски го реализираше, но судиите се изгубија комплетно на теренот. По реакцијата на романскиот голман дека имало наводен удар во главата од Димевски, тие му доделија црвен картон на македонскиот репрезентативец и не го признаа голот, па зовреа страстите на теренот.
Залудни беа протестите на нашиот стручен штаб. Колку судиите не беа концентрирани на мечот говори и фактот дека сакаа да му покажат црвен картон на Димковски, кој не го шутираше пеналот. Тогаш се наруши ритамот, Романците погодија уште два пати за 34-30 и немаше назад за нашата репрезентација.
Десет гола за Македонија постигна Мирче Калајџиески, додека Димитар Узунчев имаше седум, а по три гола постигнаа Димевски, Михајловиќ, Андреј Стојановски и Ристевски. Голманите Галевски и Брестовац комбинираа седум одбрани. Претходно на овој турнир, Македонија ги победи убедливо Саудиска Арабија и Словачка.