Матлиески: Поради кратката ротација паднавме физички

Тимот на Тиквеш беше на прагот да направи изненадување на дуелот со актуелниот вицепрвак на Македонија, но кавадарчани попуштија во последните моменти од средбата.

Мечот заврши со триумф на сините од Автокоманда, 25-23 (12-13), иако домашните имаа шанса во последните секунди да стигнат до посакуваното реми и во плеј-оф фазата да влезат со два бода.

Сепак, по денешниот пораз, ракометарите на Тиквеш завршија на 3. позиција во групата А и во плеј-офот ќе пренесат само бод.

Тренерот на Тиквеш, Никола Матлиески, како клучен фактор за поразот ја истакна играта на неговите избраници во последните пет минути, но и кратката клупа.

,,Одигравме еден машки натпревар, борбен и агресивен натпревар, им честитам на моите играчи за борбеноста која ја покажаа на теренот, честитки и за гостите од Скопје за победата, но немаше да биде незаслужено и доколку ние победивме. Мислам дека малку потфрливме во последните пет минути, паднавме физички, нормално, игравме со скратен број на играчи, но тоа не е оправдување, сега одиме понатаму, но најпрво ќе одмориме, потоа ќе анализирам што е сработено во претходниот период и ќе видиме како ќе продолжиме во плеј-офот”, изјави Матлиески.

Кавадарчани регуларниот дел од сезоната го завршија со 11 победи и три порази.

Тиквеш ја загуби драмата во Кавадарци и пренесува само бод во плејофот