Македонија ослабена во Романија, се повреди Белистојаноски

Младинската репрезентација на Македонија на следните два меча од „Трофеј Карпати“ најверојатно ќе биде без десното крило Ненад Белистојаноски.

Тој остана единствено класично десно крило по повредата на Александар Петковски, но на дуелот со Саудиска Арабија заработи незгодна повреда на коленото и нема да се ризикува за таа да биде влошена.

Тоа се случи по петнаесетина минути од дуелот со Саудиска Арабија, а членот на Еурофарм Пелистер 2 дотогаш имаше постигнато пет гола од пет обиди.

Стручниот штаб ги има на располагање левораките Димитар Узунчев и Христијан Стаменковиќ, кои играат на десен бек, па веројатно со еден од нив ќе се експериментира на крилната позиција.

Оваа акција во Романија ја пропуштаат и Дамјан Субашевски, Михаел Тотиќ, Антонио Николоски….

Вчера Македонија славеше со Саудиска Арабија со 39-27, денеска игра со Словачка од 16:30 часот, додека во истиот термин утре е средбата со Романија.