Репрезентацијата на Литванија, која е еден од ривалите на Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024, започна уште отсега да се подготвува за квалификацискиот циклус.
Литванија во Вилнус тестираше против украинскиот клуб Ровно, кој имаше турнеја во балтичката земја. На овој дуел во составот на Литванија беа само ракометарките кои што настапуваат во домашниот шампионат, но тоа не претставуваше никаков проблем да дојдат до убедлива победа.
Во натпревар без многу неизвесност, репрезентацијата на Литванија го совлада Ровно со 19 гола разлика, 39:20. Пред почетокот на квалификациите предвидено е Литванија да одигра уште еден пријателски натпревар со Ровно. На 6 октомври е закажан новиот собир на Литванија, на кој ќе присуствуваат и интернационалките.
Македонија првиот дуел со Литванија ќе го одигра на 15 октомври во Вилнус. Пре дуелот со Литванија, ракометарките на Грчевски ќе играат со Азербејџан.
Покрај Литванија и Азербејџан, Македонија ќе игра и со селекцијата на Шпанија, која е прв фаворит во групата.
На ЕП 2024 година во Унгарија, Австрија и Швајцарија, место ќе обезбедат првите две селекции од осумте групи и најдобрите четири од третопласираните селекции.