Македонија ќе гостува во Литванија на 15 октомври

Европската ракометна федерација ги потврди термините за првите две средби на женските сениорски репрезентации од квалификациите за Европското првенство во 2024 година.

Македонија која ќе биде предводена од новиот селектор Кристијан Грчевски, првиот меч ќе го игра на 11 октомври во СЦ „Јане Сандански“ против Азербејџан.

Потоа следува гостување во Виљнус кај Литванија на 15 октомври, на натпревар што ќе се игра во „Авиа Солушнс Арена“ од 15:00 часот.

Покрај Литванија и Азербејџан, Македонија ќе игра и со селекцијата на Шпанија, која е прв фаворит во групата.

На ЕП 2024 година во Унгарија, Австрија и Швајцарија, место ќе обезбедат првите две селекции од осумте групи и најдобрите четири од третопласираните селекции.