Последното засилување за Еурофарм Пелистер е српскиот репрезентативец Богдан Радивојевиќ, кој веќе на првите натпревари го покажа својот квалитет.
Десното крило вели дека тој и соиграчите напорно работат за со победа против Колстад да им се оддолжат на навивачите, кои не се задоволни од прикажаното на претходните натпревари.
„Драго ми е што дојдов и што се приклучив кон екипата, за да се подготвиме за она што ни претстои. Имавме натпревари во Истанбул, со кои не сме задоволни и свесни сме дека некои работи мора да се поправат. За жал загубивме и на првиот важен натпревар против Вардар во Супер Купот. Лесно е сега да се биде паметен, сите знаевме каде грешевме и што треба да поправиме. Најмногу жалиме за навивачите што поминаа долг пат да нè поддржат, а не можевме да ги наградиме со победа. Сега напорно работиме за Колстад и да ја отвориме Лигата на шампионите со два бода“, вели Радивојевиќ.
Тој смета дека битолчани со помош на навивачите ќе имаат шанса да направат нешто големо во Лигата на шампионите.
„На секој играч цел му е да игра во Лигата на шампионите. Имаме голема шанса да направиме нешто големо. Овој град и оваа земја живеат за ракометот и тоа сите го гледаме и мора да го почитуваме. Потпишувам дека ќе имаме далеку најдобра атмосфера на натпреварите и тоа треба да го искористиме и мора да научиме да се носиме со притисокот. Да го пренесеме тој притисок на позитива, а не да се уплашиме. Имаме далеку најдобри навивачи во Лигата на шампионите и тоа мора да го искористиме“, заврши Радивојевиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Колстад се игра во среда на 13 септември со почеток во 18:45 часот.