Почетокот на средбата и водството 8-2 за Охрид беше клучниот момент за понатамошниот тек на натпреварот во кој гостите ги освоиј апрвите бодови сезонава, и тоа на теренот на соседите, во Струга. Првото „езерско дерби“ им припадна на охриѓани кои со 25-17 (11-7) ја отворија сезоната во која имаа високи амбиции.
Домаќините беа во мал шок по почетното водство на Охрид во 17 минута кога по голот на Шешиќ резултатот беше 8-2. Тоа малку ги разбуди стружани, кои дури тогаш почнаа посериозно да играа, па во следните десет минути на им дозволија на соседите да постигнат гол. Струга брзо се врати во игра намалувајќи на 6-8 навестувајќи резултатска неизвесност.
Но Охрид откако ги препброди тие лоши минути на средбата повторно врза неколку голови во серија, па на одмор се замина со предност од 11-7. Струга беше очигледно дека тешко ќе може да парира на охриѓани кои имаа подолга и поквалитена клупа. Тешко се сопираа гостинските играчи во нападот, па често домашните мораа да одат на клупата за казнети играчи поради груби фаули.
Струга на целиот меч имаше вкупно шест исклучувања (и еден црвен картон за Велко Марковски поради три исклучувања), додека кај Охрид само Ојлески еднаш беше казнетс о исклучување.
Второто полувреме стружани имаа за „бркање“ на негатива од четири гола, и единствено што направија е да дојдат неколкупати на „минус 3“. Таа граница не ја минаа, а Охрид успешно ја одржуваше предност што им носеше сигурна завршница. Кога Шешиќ во 49 минута повторно зголеми на „плус 5“ за водство 18-13 за Охрид, веќе беше јасно дека бодовите ќе заминат кај гостинскиот тим.
На крајот, разликата која во поголем дел беше од 3-4 гола во корист на Охрид на крајот „скокна“ до 23-14 како најава за убедлив триумф. До крај само делумно се намали таа разлика, на 25-17 за Охрид.
Кај гостите тројца играчи постигнаа по седум гола: Ојлески, Шешиќ и Цирар, додека кај домашните Мерис Бошњак даде 6 гола, а Петар Бугатиновиќ еден помалку.