ОХРИД 2023: Драма, возбудувања, пенали – среќата не беше на страна на „гладијаторите“

Домаќинот на меѓународниот ракометен турнир „Крсте Андоновски“, екипата на Охрид го освои четврото место откако во дуелот за бронза поуспешен беше составот на Татран Прешов дури по ударите од седум метри, откако мечот заврши 30-30 во регуларниот дел. Во пенал серијата, Татран со последниот шут преку Митал стигна до триумф, 33-32 и се радуваше на бронза.

Татран ја контролираше играта и резултатот од самиот почеток на дуелот. Првите бројки покрај резултатот на семафорот ги запиша гостинската екипа. Преку Сако дојдоа до 3-0, а првиот гол за охриѓани го постигна Шешиќ на почетокот на 4. минута.

По тајм-аутот на тренерот Алушовски, проработе бековската линија, па Охрид им парираше на расположените Словаци од надворешните позиции. Разликата која во 9. минута ја постави Речичар од четири голови (3-7) се задржа до средина на првиот дел.

Во 15. минута Сако стрелаше прецизно за зголемување на предноста на Татран на пет голови. Охрид имаше свои шанси, најчесто Орјоникидзе го завршуваше нападот на домаќините, а по низата грешки на Татран, „гладијаторите“ се вратија на негатива од само еден гол (12-11 19.минута).

26.08.2023 ГРК Охрид vs Татран Прешов

Во финишот на првиот дел, домашните ракометари имаа проблем со реализација на неколку чисти позиции и тоа беше главната причина зошто не го преземаа водството.

Во 28 минута Гал Цирар за прв пат го израмни резултатот на овој дуел на 14-14, а на истекот на првиот дел Шешиќ за прв пат го одведе Охрид во водство од 16-15, резултат кој остана на паузата.

На стартот на вториот дел охриѓани се одлепија на плус три, 18-15 со головите на Орјоникидзе, а таквата предност на домашниот тим беше актуелна и во продолжение. Откако Цвитковиќ му запре пенал на Цирар, потоа и зицер на Ојлески, па Татран се врати на егал, 22-22.

Потоа се играше гол за гол, а Шешиќ искористи една празнина во одбраната на Татран за 24-23, а беше и 25-23. Но се намалуваа идеите во нападот на Охрид и на седум минути до крајот словачкиот вицепрвак направи комплетен пресврт за 26-25. По одбраната на Цвитковиќ Татран имаше плус два, 27-25, па Алушовски побара тајм-аут.

Шешиќ донесе реми 28-28 по црвениот картон на Ковач во 59 минута, но потоа следуваше гол на Митал и грешка на Охрид. Ѓорѓески го запре ударот на гостите, а босанскиот десен бек носи одново реми. Сепак словачкиот клуб успеа да реализира од тежок агол за 29-28 и останаа десетина секунди. Охрид тргна во напад, Речичар грубо го фаулираше Шешиќ па доби директен црвен картон и пенал. Сигурен од седмерец беше Ојлески и мечот во регуларниот дел заврши 30-30 и мораше да биде решен на пенали.

Во пенал рулетот, Татран дури во последната серија преку Митал ја обезбеди победата, откако претходно за Охрид погодија Орјоникидзе и Цирар, а за словачкиот тим Урбан и Фенар.

.
.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон.
Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.