Екипата на Вардар полека го комплетира тимот за новата натпреварувачка сезона 2023/24.
Нова ракометарка во редовите на „црвено-црните“ ќе биде Симона Василева од шампионот Ѓорче Петров.
21-годишната ракометарка во таборот на Ѓорче Петров настапуваше во претходните две сезони и на двапати се радуваше на титулата во домашниот шампионат.
Василева е ракометарка која настапува на сите бековски позиции, а може да одигра и како пикер, па така тренерот Александар Царчев ќе има поголема опција во нападите.
Младата ракометарка во својата кариера беше дел и од екипите на Спартак, Цемс и Металург. Во клубот од Автокоманда ги помина сите младински категории.
Тимот на Вардар претходно се засили со Тамара Ивановска од Куманово и Нина Милевска од Кузман Вардар.
Од Вардар заминаа Ивана Џатевска, Бојана Диневска, Сара Миновска и Јована Трајкоска.