Некогашниот стратег на Вардар, Ирина Дибирова, по паузата од ракометот, од ова лето го води рускиот Ростов Дон.
Дибирова, која го водеше Вардар на два завршни турнири во Лигата на шампионите, во изјава за „Дон ТР“, вели дека искуството со македонскиот тим во елитната конкуренција е многу корисно за неа како млад стратег.
„Искуството со Вардар беше многу корисно. Никој не сака да губи финалиња, особено во Лигата на шампионите. Но по такви искуства, ти ги согледуваш грешките, и тоа ти дава стимул за работа понатаму. Ако освоевме титула еднаш или два пати, јас можеби ќе си помислев – хм, освоив тоа што требаше и нема да продолжам, но сфатив дека мора постојано да се учи и ми се допаѓа оваа работа. Поразите од Ѓер имаа горчлив вкус, но тоа е само дополнителен мотив. Имав понуди после Вардар, но децата тогаш беа малечки, женскиот Вардар потоа не беше сериозна приказна, па решив да земам пауза и да поработам на себе, на модулите, па се случи пандемија“, изјави Дибирова.
Дибирова со Ростов Дон има одличен старт во рускиот шампионат и нејзината екипа забележа шест победи на шест меча, исто колку Лада и ЦСКА Москва.
Дербито со шампионот ЦСКА Москва се игра 3 ноември во Ростов Дон, а возвратниот дуел е во јануари 2024 година.