ЕХФ го следи развојот на ситуацијата во Колстад, ако треба – ќе реагира

Иако навидум се смири ситуацијата околу финансиските проблеми на норвешкиот првак Колстад, очигледно не е така.

Европската ракометна федерација вниманително ја следи ситуацијата и ги разгледува можните мерки ако треба да се реагира. Од Виена упатиле низа прашања до Колстад и до Ракометната федерација на Норвешка.

„Во врска со развојот на ситуацијата ние побаравме повеќе документи од Колстад и од федерацијата, за процесот на лиценцирање, кое тие го прават за нивното првенство. ЕХФ го прави тоа за да има информации од прва рака и да ги разгледа евентуалните следни чекори ако тоа биде неопходно“, изјави менаџерот за комуникација на ЕХФ, Томас Шонејх за норвешката НТБ.

Претходно беше најавено дека сите ракометари (освен Смарасон кој замина) и стручниот штаб го прифатиле намалувањето на платите и остануваат во клубот.

Колстад е првиот гостин во Битола оваа сезона во Лигата на шампионите кај Еурофарм Пелистер на 12/13 септември.