Maкедонскиот шампион Еурофарм Пелистер по подолга пауза повторно ќе биде дел од европскиот крем и ќе игра во Лигата на шампионите. Пелистерци сега се меѓу 16 врвни екипи како Барса, Келце, Алборг, ПИК Сегед, Магдебург…
Настапот на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите ќе му донесе солидна премија, дури и само за учеството во групната фаза.
Еурофарм Пелистер со учеството во групниот сегмент ќе заработи 10.000 евра по натпревар. Македонскиот претставник во елитата во рамки од групата А ќе одигра 14 натпревари, седум на домашен терен и седум на гостински, тоа значи настапот на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите му носи сигурна премија од 140.000 евра.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер за секој освоен бод во групната фаза ќе имаат бонус од 5.000 евра, додека премијата за прво и второ место во двете групи изнесува 20.000 евра.
Доколку тимот на Јовиќ избори место во осминафиналето, тогаш ќе има премија од плус 10.000 евра. Наградата за бод во осминафиналето ќе биде 6.000 евра.
За учество во четвртфиналето, заработката исто така е 10.000 евра и за освоен бод во четвртфиналните дуели клубовите ќе заработат плус 7.000 евра.
Дополнително, победникот во Лигата на шампионите ќе добие 300.000 евра, второпласираниот тим 225.000 евра, екипата која ќе заврши на 3. позиција 150.000 евра и четвртопласираната утешни 75.000 евра.