Машкиот суперлигашки ракомет минатата сезона се врати во Неготино благодарение на Вардар Неготино, кој по десетина години постоење обезбеди место во елитната конкуренција. Но прашање е дали неготинци ќе гледаат суперлигашки натпревари и во новата сезона.
Еден од основачите и спонзори на клубот, Тоде Кузманов, поднесе неотповиклива оставка од сите функции во клубот, дознава 24Ракомет. Тој досега го одржуваше клубот, работеше на неговиот развој и опстојување.
Минатата сезона клубот се трансформираше во АД, што е обврска на секој суперлигаш и дел од сопственоста премина и во рацете на Општина Неготино. Тоа требаше да го олесни функционирањето на клубот, кој е единствен што се натпреварува во највиоск ранг од екипните спортови во Македонија.
Но според информациите од Неготино, Општината не ги исполнила сите ветувања и финансиски обврски, а на клубот му била наметната и дополнителна обврска за плаќање за користење на услугите на двете спортски сали во Неготино, како за сениорската екипа, така и младинските категории. А со мал клупски буџет и без поддршка од градот тешко може да се одржи нивото на играње во Супер лигата.
Без ветената поддршка од Општината, клубот не може да функционира. Во штотуку завршената сезона за домашните натпревари на неготинци се бараше билет повеќе и салата секогаш беше исполнета до последно место, а навивачката група „Винари“ беше присутна и на некои од гостинските натпревари на неготинци.
Опстанокот на тимот предводен од легендарниот Петар Ангелов, беше изборен со триумфот во бараж натпреварот против Драчево одигран во Прилеп. Во новата сезона неготинци се дел од групата Б со Вардар, Еурофарм Пелистер, Пролет, Прилеп, Голден Арт, Мулти Есенс и Бутел Скопје.
Би било штета доколку не продолжи убавата суперлигашка приказна од Неготино…