Кои се можните ривали на Вардар во квалификациите – Рајн Некар, Гранољерс…

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес го објави списокот на учесници во Лигата на Европа за новата натпреварувачка сезона 2023/24.

Од Македонија во второто по ранг европско клупско натпреварување покрај Алкалоид ќе настапи и Вардар, кој на европска сцена се враќа по едногодишна пауза.

Вардар за пласман во групната фаза во Лига на Европа ќе мора да го помине единственото коло од квалификациите.

Поранешниот шампион на Македонија пред ждрепката се најде во ист шешир со Тримо Требње (Словенија), Хановер (Германија), Агуаш Санташ (Португалија) и Константа (Романија).

Можни ривали на црвено-црните“ во квалификациите се германскиот гигант Рајн Некар, потоа Гранољерс, клуб кој во минатата сезона играше финале во Лигата на Европа, швајцарскиот Винтертур, амбициозниот тим од Шведска, Иштад, како и португалската Брага.

Ждрепката за квалификациите ќе се одржи на 18 јули, додека ждрепката за групната фаза ќе се одржи на 21 јули.

Првите дуели од квалификациите се планирани за 26/27 август. Реванш дуелите би се одиграле на 2/3 септември. Групната фаза ќе стартува на 17 октомври.

ЕХФ ги објави учесниците во ЛЕ – Вардар ќе игра квалификации, Алкалоид директно во група!