Поранешна репрезентативка кажа крај – Лина Треноска ја заврши кариерата!

Поранешната репрезентативка на Македонија, Веселинка Треноска, одлучи да стави крај на својата кариера.

Искусната голманка, која во последните сезони го носеше дресот на Феризај од Косово, во мај годинава на дуел од косовскиот Куп ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено, причина поради која се повлекува од ракометните терени.

Треноска на репрезентативно ниво беше дел од сите младински категории на Македонија, го носеше и сениорскиот дрес, а најголемиот успех со македонската репрезентација го постигна на Европското првенство 2008 кога „црвено-жолтите“ под водство на Владимир Глигоров беа седмо место на континенталниот собир.

38-годишната голманка својата кариера ја започна во Кометал ЃП, беше дел и од Еуростандард ЃП, потоа настапуваше за Ѓорче Петров, Вардар, Кастриоти, Гевгелија, Куманово, како и за Феризај.

Не е исклучена можноста Треноска да се врати на терените, но како тренер. Голманката пред неколку сезони беше предводник на женски тим во македонската лига.