Хрватскиот „вундеркинд“ ќе игра во Асобал лигата

Екипата на Анаитасуна, која игра во Асобал лигата, за следната натпреварувачка сезона 2023/24 реши да го ангажира ракометарот од Хрватска, Нико Мартиновиќ.

19-годишниот ракометар токму во најсилното натпреварување во Шпанија ќе го има првиот интернационален предизвик, како и големата можност да се натпреварува со квалитетни екипи, кои играат во европските натпреварувања.

Мартиновиќ во Шпанија ќе пристигне од неговиот матичен клуб Задар, кој се натпреваруваше во второто по ранг натпреварување во Хрватска.

Младиот среден бек имаше одлична сезона во Задар. Тој беше најдобар стрелец во клубот, додека второлигашката конкуренција ја заврши на 10. позиција со 114 постигнати погодоци.

,,Не знам како раководството на Анаитасуна дојде до мене, дали со помош на моите игри или преку мојата агенција. Во последниот месец бевме во преговори, разговаравме и успеавме да направиме добар договор. Ова за мене е нешто ново, а одењето од Прва лига, односно од второ ниво, во најсилната конкуренција во Шпанија, секако дека е огромен чекор за мене. Тренерот рече дека имам нешто што тој бара, дека навистина му се допаѓам како играм. Сега останува на мене, да се посветам на тоа, да продолжам да тренирам уште повеќе и понапорно. Со нетрпение очекувам да играм во толку силна лига, Барселона, Ла Риоха, Адемар Леон се едни од најголемите клубови во светот”, изјави Мартиновиќ за порталот „Задарски лист“.

Анаитасуна во изминатата сезона во Асобал лигата заврши на 13. позиција на табелата обезбедувајќи опстанок и за следната сезона.