Еурофарм Пелистер во новата сезона по долго време се враќа во најелитното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите. Битолчани ќе бидат дел од групата А и ќе играат против Кил, Келце, Алборг, ПСЖ, ПИК Сегед, Загреб и Колстад.
Најмалку промени барем засега, во споредба со минатата сезона има во францускиот шампион ПСЖ, додека најмногу ќе има во данскиот Алборг, каде што меѓу другите доаѓа Никлас Ландин.
Германскиот Кил загуби многу со заминувањата на Зарабец, Ландин и Сагосен, а доаѓаат францускиот ветеран Жерар, и новата надеж од Фарски Острови, Елијас Елефсен а Скипаготу.
Загреб ги донесе десниот бек од Вардар, Моралес, како и кружниот напаѓач Сухолежник, се засили и со голманот Грбавац, но се чини дека има послаб тим од минатата сезона, барем на хартија.
Непознаница ќе биде норвешкиот Колстад, кој врати во татковината тројца од репрезентативците – Сагосен, Род и Јоханесен. Иако првпат ќе игра во ЛШ, јасно е дека никој не смее однапред да запише бодови против овој тим.
ПИК Сегед ќе има промена и на тренерската позиција. На местото на Пастор, од академијата доаѓаат Јордовиќ и Карпати, а меѓу новите имиња се крилото Јелиниќ, голманот Инсгард, екс вардарецот Калараш…
Во данскиот Алборг доаѓа Никлас Ландин, дома се враќа и Симон Халд, засилување е и Лукас Нилсон, а со камбекот на Хансен, овој тим ќе биде меѓу најголемите кандидати за место на Ф4 во Келн.
ПСЖ направи само две промени во ростерот – доаѓаат Тонесен и Марчан, а заминуваат Кристопанс, Ненадиќ и Тофт Хансен, па се очекува Раул Гонзалес со враќањето на Карабатиќ да има исто толку силен тим колку што имаше и минатата сезона.
Полскиот Келце остана без тројца играчи од минатата сезона, кои не беа меѓу најважните алки, а со враќањето по повредата на Трастарсон, доаѓањето на Кадах и евентуално на Пеливан и Ламбросо (можеби повторно ќе бидат позајмени), Талант Душебаев би требало да има поширок избор на бековската линија и одново да биде во конкуренција за место на Ф4.
ЗАГРЕБ
дојдоа: Анте Грбавац (Куенка), Куни Моралес (Вардар), Филип Главаш (Тримо Требње), Матиц Сухолежник (Целје), Миодраг Ќорсовиќ (Тримо Требње)
заминаа: Дино Славиќ (Лимож), Стефан Додиќ (Целје), Чаба Лејметер (Балинген), Хрвоје Цековиќ (Горица), Владо Матановиќ ?, Жељко Муса (Криенс Луцерн), Никола Граховац (Балинген)
ПСЖ
дојдоа: Кент Робин Тонесен (ПИК Сегед), Рубен Марчан (Нант)
заминаа: Петар Ненадиќ ?, Даинис Кристопанс (Мелсунген), Хенрик Тофт Хансен (Морс)
КИЛ
дојдоа: Венсан Жерар (Сен Рафаел), Елијас Елефсен а Скипаготу (Савехоф)
заминаа: Никлас Ландин (Алборг), Сандер Сагосен (Колстад), Миха Зарабец (Висла Плоцк), Јаник Фрац (Бергишер)
АЛБОРГ
дојдоа: Никлас Ландин (Алборг), Фабијан Норстен (Гумерсбах), Маринус Мунк (младинци), Лукас Нилсон (Рајн Некар Левен), Томас Арнолдсен (Архус), Алекс Влах (Целје), Патрик Висмах (Лајпциг), Симон Халд (Фленсбург)
заминаа: Симон Гаде (Хановер), Андреас Вевер ?, Феликс Клар (Магдебург), Арон Палмарсон (Хафнарфјордур), Лукас Сандел (Веспрем), Андреас Флодман (Гепинген)
КОЛСТАД
дојдоа: Сандер Сагосен (Кил), Горан Јоханесен (Фленсбург), Магнус Род (Фленсбург), Мартин Ховде (Хаслум), Ерленд Јонсен (Сандефјорд)
заминаа: Ескил Реитан (Берген), Нилај Далинг (Берген), Рубен Медер (Шарлотенлунд), Магнус Столефјел (Шарлотенлунд), Мартин Педерсен ?, Расмус Лихолт (пензија)
КЕЛЦЕ
дојдоа: Сандро Мештриќ (Рибница), Милош Валах (Гдањск), Хасан Кадах (Замалек), Ноа Зубац (Ополе), Дорук Пеливан (Минден), Јоав Ламбросо (Лимож)
заминаа: Матеуш Корнецки ?, Мигел Санчез Мигаљон ?, Дамјан Домагала (Гдањск)
ПИК СЕГЕД
дојдоа: Емил Инсгард (Елверум), Марин Јелиниќ (Нексе), Глеб Калараш (ПИК Сегед), Карлос Молина (Мотор Запорожје), Симон Џиалакиевич (Редбергслидс), Бенјамин Силаги (НЕКА), Мартин Наѓ (Гумерсбах)
заминаа: Александар Блонц (ГОГ Гудме), Кент Робин Тонесен (ПСЖ), Мирко Алиловиќ (Висла Плоцк), Миклош Рошта (Динамо Букурешт), Богдан Радивојевиќ ?