Екипата на Магдебург е првиот финалист во Лигата на шампионите, откако успеа да слави против европскиот шампион Барселона со 40-39 по ударите од седум метри во драматично полуфинале во Келн. Иако и двете екипи имаа свои моменти во текот на мечот, на крајот сепак Магдебург беше тимот што се радуваше на место во финалето.
Првото полувреме се играше израмнето и ниту една од екипите не успеваше да поведе со повеќе од еден погодок разлика. Се играше брзо и ефикасно, а голманите Јенсен и Нилсен не успеваа да ги запрат ударите на Мем, Циндриќ, Дамгард…Европскиот првак Барса дури по дваесетина минути стигна до плус два, 13-11, откако Гомес и Н’гесан ги казнија двете грешки на германскиот тим. Следуваше тајм-аут на стратегот на Магдебург, па неговите момци веднаш намалија на 13-12.
Сепак во финишот каталонскиот гигант заигра како што знае и успеа да се одлепи на предност од три погодоци, 18-15. До паузата десниот бек Смитс погоди, па Магдебург замина со негатива од два гола. На стартот на вториот дел беше 19-16, па 21-18, но германскиот тим не се откажуваше од бркање на резултатот. Со неколку добро одбранети напади, Магдебург со голот на голманот Портнер стигна до реми, 21-21.
Згора на се Барса остана без десниот бек Мем, кој паузираше неколку напади поради мала повреда. Тоа го искористија Германците и на петнаесетина минути до крајот 25-23, а имаа шанса и за плус три. Погреши Кристјансон, па Ване веднаш казни за 25-24. Гонзало го замени Нилсен на голот на Барса и по двете негови одбрани шпанскиот тим израмни на 25-25 кога имаше да се игра уште 12 минути до крајот.
Во продолжение се играше гол за гол, со тоа што Магдебург секогаш беше тој тим што до водеше. Така беше до пет минути до крај кога Барса по подолго време се врати во водство со 30-29. Следуваше шок за Магдебург по повредата на Кристјансон, која донесе прекин. Потоа Гонзало одбрани уште еден удар на германскиот тим, но неговите соиграчи не погодија и следуваше казна за 30-30.
Портнер го одбрани шутот на Јанц, но одбиената топка до Гомес, кој погоди за 31-30. Магдебург тргна во последниот напад, кој немаше многу идеја, па тренерот Вигерт побара тајм-аут на 12 секунди до крајот. Каи Смитс дојде до позиција и беше прецизен за 31-31. Остануваа уште три секунди, беше упатен удар од центарот на празен гол, но тој беше после времето и мечот мораше да се решава во продолженија.
По првите пет минути Магдебург имаше плус 35-33, а искусниот Безјак веднаш на стартот на второто продолжение зголеми на 36-34. Не се предаваа каталонците и во брза игра израмнија на 37-37. Уште по еден гол на двете страни, па во последната минута се влезе со 38-38. Магдебург го имаше последниот напад, но не погоди, па драмата продолжи со пенали.
Голманот на Магдебург, Мајк Јенсен беше херој откако го одбрани последниот удар на Фабрегас и почна големото славје. Најдобри стрелци кај Магдебург беа Каи Смитс со 12 и Михаел Дамгард со осум, додека кај Барса, Нгесан и Гомес дадоа девет, односно осум погодоци.