Српскиот репрезентативец и актуелен член на Адемар Леон, Марко Милосављевиќ, се наоѓа пред потпис со новиот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, пренесува „Балкан Хендбол“.
24-годишниот лев бек би требало да ја промени клупската средина и да ги засили редовите на битолскиот тим, кој веќе започна со составување на екипата за новата натпреварувачка сезона 2023/24.
Со оглед на тоа дека Еурофарм Пелистер го напуштија Себастијан Хенеберг и Мохамед Суси, ракометари кои играа на левата бековска позиција, српскиот интернационалец би бил идеално решение на таа позиција.
Освен како лев бек, знае да одигра и како организатор на играта, па така битолчани со неговото евентуално доаѓање би имале широка опција во нападот.
Милосављевиќ имаше одлично издание на Светското првенство 2023 и беше еден од предводниците на својата репрезентација. Воедно, освен на репрезентативно ниво, во оваа сезона покажува забележителни партии во Асобал лигата.
Еурофарм Пелистер за ангажирање на Милосављевиќ ќе треба да му плати оштета на Адемар Леон, бидејќи србинот со шпанскиот клуб има актуелен договор и за наредната сезона.
Во новата сезона македонскиот шампион освен на домашна сцена и во СЕХА Лига, ќе игра и во Лигата на шампионите. Претходно во Еурофарм Пелистер беше ангажиран словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте, а во екипата ќе биде прекомандуван Павле Петровиќ од вториот тим.