Полека се комплетираат учесниците за следната сезона во Лигата на шампионите во машка конкуренција, а меѓу нив ќе биде македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, кој по долго време се враќа во елитната конкуренција.
Покрај битолчани, сигурни се уште осум учесници во ЛШ. Тоа се двата германски тима Кил и Магдебург, кои ќе финишираат на првите две позиции во Бундес лигата, како и францускиот првак ПСЖ.
Тука е шпанскиот гигант Барселона, полскиот Келце, португалскиот Порто, како и словенечкиот Целје. Уште две сигурни места се за унгарскиот и данскиот првак. За тие места се борат ПИК Сегед, Веспрем, како и ГОГ Гудме и Алборг.
Покрај десетте учесници, ЕХФ ќе додели и шест вајлд-карти. Меѓу нив секако ќе биде по еден од унгарските и данските тимови што ќе биде вицепрвак, а една ќе оди за францускиот вицепрвак, кој најверојатно ќе биде Монпелје.
Уште една ќе оди за норвешкиот Колстад, независно дали ќе биде првак или вицепрвак на Норвешка, кој засилен со Сандер Сагосен сигурно ќе аплицира за место во елитата.
Тука се хрватскиот Загреб, романскиот Динамо Букурешт и полската Висла Плоцк, која сезонава стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите. Овие екипи ќе конкурираат за двете вајлд-карти за елитното натпреварување.
На состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ за време на Ф4 во Келн на 16 јуни, европската куќа на ракометот, ќе го потврди конечниот список на учесниците во Лигата на шампионите за следната сезона, по што ќе бидат познати и шеширите пред ждрепката.