Десниот бек од Нигерија, Фарук Јусуф, кој беше откритие на кадетскиот Мундијал во Македонија во 2019 година и кој требаше да заигра за Бутел Скопје, доби свое место во Асобал лигата за натпреварувачката сезона 2022/23.
До крајот од сезоната во најквалитетното натпреварување во Шпанија има уште три кола, па така беа прогласени најдобрите седум ракометари, најдобриот тренер, дефанзивец и најголемото откритие за тековната сезона.
Токму несудениот член на Бутел Скопје го доби признанието за откритие за оваа сезона во Асобал лигата. Јусуф освен во Асобал лигата, во одлично светло се покажа и во Лига на Европа каде што беше еден од најзаслужните за обезбедениот пласман на Грањолерс на Ф4 турнирот во второто по квалитет европско натпреварување.
Клупскиот колега на Јусуф, ветеренот Антонио Гарсија Робледо го доби признанието за најдобар лев бек. Во идеалниот тим за сезона 2022/23 има само тројца ракометари на Барселона.
За потсетување, 19-годишниот десен бек е актуелен член на Келце, но таму поради големата конкуренција немаше доволно минутажа и во оваа сезона беше пратен на позајмица во екипата на Грањолерс.