Ѕвездата на данската репрезентација и еден од најдобрите светски ракометари Микел Хансен, се опорава откако се повлече од терените на почетокот на февруари годинава.
Со симптоми на стрес, Хансен ја прекина на кратко кариерата, но стана јасно дека нема да заигра за данскиот Алборг до крајот на сезоната.
Во соопштението од Алборг, се вели дека Хансен полека ќе се враќа на терените со индивидуални тренинзи, па би требало да биде подготвен за стартот на сезоната.
„Поминав низ тежок период, особено психички, но имав поддршка од семејството, пријателите, вработените во клубот, стручниот штаб…Сега сум во фаза кога имам повторно енергија за да можам да се вратам на спортот кој го сакам“, вели Хансен.
Тој би требало да се приклучи на летните подготовки за следната сезона.
„Со оглед на позитивниот развој на настаните со Хансен, се надеваме дека во средината на јули ќе им се приклучи на соиграчите. Но во овој момент не можеме да кажеме кога ќе почне да игра натпревари“, велат од Алборг.
Данскиот клуб ги заврши натпреварите во Лигата на шампионите, а ќе има тешки битки во плеј-офот за домашната титула.