Репрезентативецот на Хрватска и член на Нексе, Марин Јелиниќ, направи трансфер во актуелниот унгарски шампион ПИК Сегед. За левото крило ова е првиот интернационален предизвик во кариерата.
Јелиниќ својата кариера ја започна во родниот град Метковиќ, потоа две сезони играше во Каштела, а од сезона 2017/18 го носи дресот на клубот од Нашице.
Сепак, во новата сезона во Нексе ќе пристигне Мануел Штрлек, па така Јелиниќ во конкуренција со искусниот ракометар и црногорскиот интернационалец Александар Бакиќ, би добивал мала минутажа.
На позицијата лево крило во ПИК Сегед моментално настапува репрезентативецот на Австрија, Себастијан Фримел, како и ракометарот од Норвешка, Александар Блонц, кој во новата сезона ќе настапува за ГОГ.
ПИК Сегед пред почетокот на новата сезона треба да го објави името на новиот тренер на екипата, бидејќи како што е веќе познато искусниот, Хуан Карлос Пастор ќе си замине од унгарскиот клуб.
Ново име во редовите на ПИК Сегед ќе биде голманот на Елверум, Емил Имсгард. Норвежанецот ќе биде замена за Мирко Алиловиќ. Хрватот од следната сезона ќе го брани голот на Висла Плоцк.