Тимот на Ваљадолид, каде што играат македонските интернационалци Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски, се пласира во полуфиналето на Купот на Кралот.
Ваљадолид на Ф8 во Сантандер, го елиминира домаќинот Синфин во четвртфиналето, откако славеше во драматичен меч по продолженија и пенали со 37-36. Димитриевски даде четири гола, додека Димитриоски беше стрелец на два гола во оваа победа, а погодија и во пенал серијата.
Тимот на Македонците каде тренер е Давид Писонеро, по првиот дел водеше со 14-10, но домашните израмнија на финишот на 27-27.
По продолженијата беше исто така нерешено 32-32, па мораше да има удари од седум метри кои Ваљадолид ги доби со 5-4 и обезбеди место во полуфиналето.
Ваљадолид ќе игра против Ла Риоха во полуфиналето, додека во второто полуфинале ќе играат Барселона и Адемар Леон.