Според информациите на „Nemzeti Sport”, раководството на ПИК Сегед не успеало да договори соработка со екс предводникот на Вардар, Давид Дејвис.
Актуелниот шампион на Унгарија го посакуваше 46-годишниот стратег, но само за една сезона, со оглед на тоа дека во сезона 2024/25 клубот најверојатно ќе биде предводен од поранешниот репрезентативец на Шведска и актуелен тренер на Савехоф, Микаел Апелгрен.
Дејвис моментално го води Ал Ахли и со тимот од Египет има договор до 2025 година. Многу е веројатно дека тренерот од Шпанија не сака да ја сменува клупската средина за само една натпреварувачка сезона, па така ПИК Сегед ќе ја продолжи потрагата за нов тренер. Една од опциите е клубот да биде предводен од тренер од младинските екипи.
Шпанецот од октомври, 2018, па сѐ до декември, 2021 година, го предводеше најголемиот ривал на ПИК Сегед во домашниот шампионат, тимот на Веспрем.
Во својата тренерска кариера Дејвис работеше и во женскиот клуб на Вардар, а на репрезентативен план беше селектор на Египет, но и дел од стручниот штаб на Русија.
За потсетување, на лето од ПИК Сегед ќе си замине Хуан Карлос Пастор, кој го предводи унгарскиот шампион од 2013 година.