Македонија со победа од 30-27 (15-15) ја победи Турција и „црвено-жолтите“ се пласираа на ЕП 2024 година со пресврт во последните минути од мечот во Скопје. Марко Митев беше „џокерот“ на Македонија бидејќи со четири гола по ред во последните минути донесе водство за Македонија со кое беше запечатена победата. Продолжува континуитетот со настапи на големите натпреварувања почнат во 2012 година, од кога Македонија постојано е дел од ЕП и СП.
Македонија го освои второто место во групата, со четири победи, веднаш зад Португалија. Турција како третопласирана е со слаби шанси да стигне до завршниот турнир.
Мечот требаше да биде лесен печат на билетот за ЕП 2024 година, бидејќи Македонија како домаќин секогаш е фаворит, а особено против Турција. Колку и да сме подмладени, неискусни и невоиграни, Турција не треба да биде пречка на која ќе се сопнуваме. На првиот меч победивме со 36-27.
Но, почетокот покажа нешто друго. Турција поведе со 2-1, имаше борбеност, мотивираност и игра со која покажа намера да освои барем бод во Скопје. Тоа им е потребно за да бидат во игра за третото место со кое би биле во игра за пласман на ЕП како „среќните поразени“ односно најдобро третопласирани репрезентации во групата. Македонија брзо се разбуди, зашто откако поведе со 4-3 во 10 минута, следуваа уште два гола и за прво водство на „плус 3“ во 13 минута (6-3).
На половина од првиот дел кога Македонија поведе со 9-5 се чинеше како да е почеток на „кршењето на отпорот“ на Турците. Нивниот селектор побара тајм аут. И тоа донекаде го смени текот на теренот. Турција почна полека да го топи нашето водство, и намали на 10-9 и 11-10. До крајот на полувреме тешко одеше пробивањето на турската одбрана.
Не ни одеше во прилог и повредата на Филип Кузмановски, кој при еден лош доскок се пожали на повреда. Не само што интервенираше лекарскиот тим, туку поради сериозноста истиот на носилки беше изнесен од салата и замина на прегледи во болница.
Не делувавме веќе толку сигурни во нападот, па некои наши грешки противникот ги искористи и на полувреме беше 15-15. Малкумина го очекуваа тој резултат, кој сепак изгледаше како реланост.
За три минути на почетокот на второто полувреме Турција направи серија од 3-0 со која првпат поведе со „плус 3“ на средбата (18-15). Лазаров го внесе во игра Митев на позиција на плејмејкер, со цел нешто да се смени во играта.
Од тој момент Турција го диктира темпото и го контролира резултатот. Во 45 минута првпат Турција поведува со 24-20 што е највисокото водство на гостите. Македонија делува недоволно сконцентрирано, а Турција полека и сигурно ја чека шансата за реализација.
На Македонија и требаа четири минути да се врати во игра, и да дојде до 23-24. Налетот што го имаа „црвено-жолтите“ беше момент Турција да побара тајмаут. Остануваа уште 11 минути до крај, а ние баравме шанса и време да направиме пресврт. Во 51 минута израмнуваме на 24-24, што беше најава дека се враќаме во игра.
Марко Митев во 55 минута првпат во второто полувреме му носи водство на нашиот тим, а на спротивната страна Мартин Томовски со 15. одбрана не дозволи израмнување, и им даде шанса на колегите во напад да огранизираат нов смирен напад. Митев повторно како шило се проби меѓу двајца Турци и првпат Македонија има „плус 2“ за водство 27-25. До крајот остануваа уште 250 секунди за играње.
Симултанката на Марко Митев му донесе ново водство на тимот, за 28-26 во 58 минута, а потоа и водство од 29-26 по што веќе беше јасно дека бодовите остануваа во Скопје.
Марко Митев и Жарко Пешевски постигнаа по 5 гола за Македонија, а Ѓорѓиев, Кузмановски и Јагуриновски по три гола.
Кај Турција по 5 гола дадоа Али Тинкир и Дорук Пехливан.
Гоце Георгиевски како капитен се прости од репрезентацијата (ВИДЕО)
Хендикеп за Македонија: Кузмановски изнесен на носилки од сала (ФОТО+ВИДЕО)