Екипата на Грањолерс пред неколку дена го направи најголемиот успех на европска сцена, откако го елиминираше Фленсбург во четвртфиналето во Лига на Европа и си обезбеди пласман на Ф4 турнирот во второто по квалитет европско натпреварување.
Клубот од Шпанија, кој во домашниот шампионат игра топло-ладно, позициониран е на 3. позиција, веднаш зад Куенка и непобедливата Барселона, но во Европа покажа дека знае да се носи со квалитетни тимови, па дури го елиминираше и еден од фаворитите за титулата.
Грањолерс главно се базира на домашни играчи, надополнет со неколку интернационалци, меѓу нив и несудениот член на Бутел Скопје, Фарук Јусуф и ветеранот, левиот бек Антонио Гарсија Робледо. Со спој на младост и искуство, тимот на Грањолерс успеа да го елиминира бундеслигашот, иако во споредба со него има десет пати помал буџет.
Еден играч на Фленсбург заработува колку цел тим на Грањолерс, па така репрезентативецот на Шведска, Џим Готфридсон, според „Мундо Депортиво“, има 700.000 евра годишна заработка, исто колку што е целиот буџет на шпанскиот тим.
Кружниот напаѓач на Фленсбург, Јоханес Гола, кој е еден од најдобрите ракометари на својата позиција во Бундес лигата, месечно заработува повеќе од целиот персонал на Грањолерс. Како што пишува „Мундо Депортиво“, месечната плата на Гола е 40.000 евра, додека целиот тим Грањолерс месечно заработува 25.000 евра.
За потсетување, екипата на Грањолерс во минатото има играно против четири македонски екипи – Вардар, Металург, Пролет и Преспа и од сите има загубено најмалку по еднаш во европските купови.
Сензација над сензациите: Грањолерс го тресна Фленсбург и оди на Ф4!