Босанските медиуми се преполни со веста за хорор инцидентот што се случил во градот Зворник, во Република Српска.
Младиот ракометар на Дрина, Никола Томиќ, бил нападнат од повозрасно женско лице, кое според полицијата се обидело да го убие.
Неговиот клуб се огласи со сооштение на социјалните мрежи во кое открија како се случил настанот.
„По повод немилиот настан, кој го потресе нашиот клуб, решивме да се обратиме на јавноста. За жал, овој пат не се обраќаме за спортски успеси. На ден 16.04.2023 година, околу три часот по полноќ, полициските службеници од станицата во Зворник ја лишија од слобода И.Л., поради обид за убиство. Со ладно оружје нападнат е нашиот ракометар Никола Томиќ, кој притоа заработил повреди во пределот на вратот во облик на сериозни расеченици. За наша среќа, ако тоа така може да се нарече, по ладнокрвниот напад, Никола е бргу згрижен во болницата во Зворник“, велат од клубот.
Жената што го нападнала Томиќ веќе е во притвор што ќе трае најмалку еден месец. Ракометарот објави фотографија на социјалните мрежи и потенцира дека е во добра состојба.