Патот до унгарскиот град Кишварда, каде ќе се игра реваншот со Украина од баражот за СП, нема да биде толку краток како што се претпоставуваше претходно. Женската репрезентација и стручниот штаб требаше да заминат за Дебрецин со чартер лет на една хрватска компанија утринава во 9:30 часот.
Авионот што требаше да лета за Дебрецин (а претходно требаше да дојде во Скопје) полета од Загреб во 7:25 часот. Поради непознати причини, на половина пат, при прелет над територијата над Босна и Херцеговина, авионот е пренасочен и слетува назад во Загреб.
Според информациите од скопскиот аеродром, се очекува нов авион од истата компанија да пристигне во Скопје, засега официјалната информација е дека тоа ќе се случи околу пладне.
Летот до Дебрецин ќе трае околу еден час и дваесетина минути, а потоа треба уште час и половина со автобус до Кишварда, па многу веројатно е дека пред македонската експедиција нема да пристигне на крајната дестинација пред 17:00 часот.
Времето за одмор пред тренингот ќе биде скратено, но оваа ситуација не би требало да влијае врз ракометарките во битката за позитивен резултат на реваншот. На првиот меч, Украина славеше со 24-22, а вториот дуел е утре од 17:00 часот во градската сала во Кишварда.