Екипата на Голден Арт со триумфот над Вардар Неготино од 36:25 ја продолжи победничката серија во плеј-аут фазата во Супер лигата.
Голден Арт во досегашниот тек во борбата за опстанок на свое конто има шест победи, два порази и со новите освоени бода го презеде лидерското место во плеј-аут групата.
Гостите од Неготино со расположениот Адамовиќ имаа одлично отворање на натпреварот победувајќи со 4:1 во воведните десет минути. Голден Арт се обидуваше да фати приклучок, но против себе имаше сериозен противник, кој до 26-та минута имаше позитива од два гола разлика. Тимот на Глигоров направи целосен пресврт во финишот од првото полувреме.
Вардар Неготино попушти во последните минути и дозволи домаќинот да се врати во игра. Откако гостинот поведе со 13:11, избраниците на Глигоров врзаа два гола во серија, израмнија на 13:13, a на минута пред крајот Шилегов со својот трет гол му го донесе првото водство на својот тим, 14:13. Оваа предност се задржа и до полувремето, во кое двете страни имаа по само едно исклучување.
На стартот на вториот дел Гошевски зголеми за 15:13. Од тој момент домашниот тим влезе во посакуваниот ритам, ја подобри одбраната и во 35-та минута ги имаше максималните дотогаш плус четири гола разлика, 19:15. Домаќините тука не застанаа, лесно доаѓаа во позиција за гол и смиреноста во нападите им донесе резултатска предност од 23:17 во 40-та минута.
Ништо не се смени во останатиот дел од дуелот, во кој Голден Арт целосно го запре гостинот и со добра реализација дојде до поубедлива разлика. Во 50-та минута резултатот беше 28:19 во корист за домашниот тим, додека на осум минути пред крајот Голден Арт дојде до двоцифрена предност, 30:20, и рутински го одработи финишот.
Кај победничката екипа се истакнаа Христијан Милошески со седум, Мице Шилегов со шест и Славе Јанковски и Дејан Гошевски со по пет погодоци. Во поразениот табор 11 погодоци беа дело на интернационалецот од Србија, Лазар Адамовиќ.