Тимот на Струга во рамки од 8. коло од плеј-аут фазата од Супер лигата на свој терен ќе го пречека тимот на Скопје.
Стружани влегоа во победничка серија и во последните три кола триумфираа против Јуниор КВ, Вардар Неготино и Радовиш.
На првиот дуел меѓу двете екипи, кој беше одигран на почетокот во борбата за опстанок, убедлива победа оствари Скопје со 38:32.
Еден од најдобрите стрелци во екипата на Струга, Ненад Костоски очекува неизвесен натпревар, во кој неговиот тим треба да одигра квалитетна одбрана за да дојде до посакуваната цел.
„Моите очекувања за дуелот со Скопје се да оствариме позитивен резултат со кој би ја продолжиле серијата на победи во борбата за опстанок. Мислам дека може да триумфираме, но сепак, ни најмалку не треба да ја потцениме екипата на Скопје. Се работи за тим кој е квалитетен и искусен. Ние играме на свој терен, тука ќе имаме и поддршка од навивачката група „Паткари“, која е секогаш нашиот осми играч. Според мене, клучот за победа ќе биде цврстата одбрана и малиот број технички грешки”, изјави Костоски.
Дуелот меѓу Струга и Скопје ќе се одигра на 7 април во спортска сала „Нико Нестор“, со почеток од 17:00 часот.
Правдата на овој дуел ќе ја делат Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски од Скопје.