Екипата на Партизан на првиот четвртфинален дуел против Веспрем во рамки од регионалната СЕХА лига оствари убедлива победа со 39:24 и на реванш дуелот во Унгарија ќе патува со плус 15 гола разлика.
Денешната победа на клубот од Белград не е за изненадување, бидејќи тимот на Веспрем настапи со својата младинска екипа, која е составена од младински репрезентативци на Унгарија.
Во нерамноправен натпревар, домаќините во најголемиот дел доминираа во играта, додека младите ракометари на Веспрем имаа сила само за воведниот дел, во кој парираа до 3:3.
Партизан на полувреме замина со предност од 21:11, не се опушти ни за момент во вторите 30 минути и рутински го реши првиот четвртфинален дуел.
Најефикасен во редовите на Партизан беше Никола Зечевиќ со осум погодоци. Кај Веспрем одлична партија одигра перспективниот ракометар Марко Еклемовиќ, кој дуелот го заврши со 100% реализација, постигна седум погодоци од исто толку обиди.
Реваншот меѓу Партизан и Веспрем ќе се одигра за седум дена, односно на 12 април.